Битиќи: Над 600 милиони евра ќе се слеат кај домашните компании од изградбата на автопатите

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, домашните компании ќе инкасираат 650 милиони евра.

„Во договорот стои дека 51 процент мора да бидат домашни компании како изведувачи и кога договорот е 1,3 милијарди евра, тоа значи дека 650 милиони евра ќе завршат кај домашните компании, изјави Битиќи за емисијата „Стадион“ на радио „Канал 77“, додавајќи дека никаде експропријацијата на земјиштето не се вклучува во тендерската документација.

Битиќи рече дека Коридорот 8 е ставен во паневропските коридори, што значи дека за прв пат Европската Унија може да ни дава финансиски средства за изградба на патиштата за што може да аплицираме секоја година.