
Две стратешки крстосувачки ракети лансирани од подморници на цел под вода прецизно ја погодија целта во Јапонското Море, соопшти ноќта кон понеделникот севернокорејската службена новинска агенција KCNA.
„Две стратешки крстосувачки ракети прецизно ја погодија целта во Источното (Јапонското) Море“, се наведува во извештајот.
Во информацијата на KCNA се прецизира дека станува збор за вежба на лансирање стратешки крстосувачки проектили истрелани од подморница од моделот „8.24 Yongung” чиј лет траел 7.563-7.575 секунди и се одвивал по „траекторија во формата 8 со должина од 1.500 километри“.
„Централниот воен комитет на Работничката партија на Кореја (владејачката во Северна Кореја) изрази задоволство од резултатите на вежбите“, се истакнува во извештајот на KCNA.
Началникот на здружениот штаба на јужнокорејската армија изјавил за агенцијата Yonhap дека војската била во состојба на висока приправност и дека „разузнавачката служба работи со своите американски колеги на анализа на настанот“.
„Јужнокорејската војска регистрираше лансирање неидентификуван тип проектил во областа Синпхо“, пренесува Yonhap чиишто извори не го навеле точното време на истрелувањето на проектилите, со напомена дека се изведени во текот на викендот.
Во Сеул претпоставуваат дека лансирањата претставуваат потврда на заканите од Пјонгјанг за одговор на заедничките масивни воени вежби на САД и Јужна Кореја „Freedom Shield“, коишто редовно севернокорејската страна ги гледа како подготовка за инвазија против земјата. Северна Кореја обвини дека најновата заедничка воена вежба на САД и Јужна Кореја ги зголемува тензиите на полуостровот.
„Со јакнење на надзорот и будноста, нашата војска одржува полна борбена готовност во блиска соработка со САД“, се наведува во соопштението на јужнокорејскиот Здружен генералштаб.
„Од септември 2022 година Северна Кореја планираше лансирање проектили и воени демонстрации за да се спротистави на вежбите на САД и Јужна Кореја веројатно за да ги принуди САД и Јужна Кореја да го променат своето однесување“, наведуваат американските разузнавачи во својот извештај за процените на ризиците во регионот претставен минатата среда.