Кси може да ја посети Москва веќе следната седмица

Кинескиот претседател Кси Џинпинг планира да ја посети Москва каде ќе се сретне со рускиот колега по должност Владимир Путин следната седмица, порано отколку што се очекуваше, рекле извори запознаени со оваа тема, известува агенцијата Reuters во понеделникот.

Изворите кои известиле за претстојната посета одбиле да бидат именувани, имајќи ја предвид „чувствителноста“ на прашањето.

Плановите за посетата доаѓаат откако Кина понуди мировен план за војната во Украина во 12 точки, кој колективниот Запад го пречека со скептицизам поради постојаната дипломатска поддршка на Пекинг за Москва.

Руските медиуми на крајот од јануари објавија дека Путин го поканил Кси на пролет. Американскиот весник The Wall Street Journal во февруари, повикувајќи се на свои извори, објави дека посетата на Москва би можела да се оствари во април или на почетокот од мај.

Кинеското Министерство за надворешни работи веднаш не одговорило на барањето на Reuters за коментар за можноста Кси да ја посети Москва, а од Кремљ одбиле да коментираат.

Во февруари во Москва престојуваше шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји и навести дека Кси Џинпинг ќе ја посети Русија за средба со Владимир Путин.

Кина и Русија склучија партнерство „без ограничувања“ во февруари 2022 година, неколку седмици пред почетокот на руската инвазија во Украина, а двете страни изминатата година продолжуваа да ја потврдуваат силината на нивните односи во контекстот на глобалните политики.

Путин го покани својот кинески колега во Москва за време на разговорите со видео конференција уште кон крајот на минатата година. Според рускиот челник, тоа „ќе му ја покаже на светот силата на руско-кинеските врски и ќе стане главен политички настан на годината во билатералните односи“.

Минатата седмица пратениците на Националниот народен конгрес едногласно го реизбраа Кси Џинпинг за претседател на Народна Република Кина. Така, тој стана првиот кинески лидер во историјата кој е избран за трет мандат. Путин му честиташе на Кси, нагласувајќи дека Русија високо го цени „неговиот личен придонес во зајакнувањето на сеопфатното партнерство меѓу двете земји“.