Турската компанија Демпо груп објави две инвестиции во Македонија

Премиерот, Никола Груевски за време на својата посета на Република Турција по завршување на бизнис форумот во Анкара оствари повеќе одделни средби со претставници на заинтересирани компании за инвестирање кои покажаа интерес за вложување во повеќе сфери и полиња во Македонија.

Една од нив е и компанијата „Демпо груп“, чиј сопственик,Музафер Полат објави дека неговата компанија ќе инвестира во изградба на две фабрики во нашата земја, од кои првата е за производство на амбалажа, со вредност на инвестицијата од 3 милиони долари, а втората е за производство на мермер и мозаици, со вредност на инвестицијата помеѓу 2,5 и 3 милиони долари.

„Пред четири месеци ја посетивме Македонија, програмата беше организирана од Инвест Македонија и нејзиниот претставник од Анкара. Ја разгледавме цела Македонија и одлучивме дека ќе инвестираме таму. Планираме да дојдеме со две дејности во Македонија, првата е во секторот на амбалажа и производство. Тоа ќе биде фабрика во вредност од 3 милиони долари. Во првата дејност ќе има 150 вработувања”, изјави сопственикот Музафер.

Тој објави и дека планира префрлање на дел од капиталот на компанијата и отворање на втора фабрика во Македонија за производство на мермер и мозаици.

„Во однос на втората инвестиција, бидејќи во нашата дејност имаме и дел кој се занимава со производство на мермер, планираме да ја префрлиме нашата фабрика за производство на мермер од Турција во Македонија. Планирана е преработка на мермер односно производство на мозаици од мермер. За почеток би биле 150 вработувања, а во подоцнежната фаза од 300 до 400 вработувања. Во почетна фаза, за производство на мермер инвестицијата е од 2,5 до 3 милиони евра. Со тоа што и за првата и за втората инвестиција, планираме нивно зголемување со тек на време. За првата инвестиција, за производство на амбалажа планираме да отпочнеме во првиот квартал од 2015 година, а за инвестицијата за производство на мермер и мозаици планираме да започнеме во вториот квартал од 2015 година” изјави сопственикот на „Демпо груп“, Музафер Полат.

Инаку тој е сопственик на повеќе производствени погони во Турција и се занимава со производство на јаглен, амбалажа и мермер.

Премиерот Груевски истакна задоволство од одлуката на турската компанија за инвестиции во нашата земја.

„Голем е интересот во сите овие градови кои што ги посетивме. Вчера компанијата „Демпо“ во Анкара не извести дека донеле одлука да инвестираат во Македонија во две фабрики. Едната за преработка на мермер, и втора за изработка на различни видови амбалажи. Во двете фабрики планираат да вработат за почеток вкупно 300 луѓе, а подоцна планираат сето тоа да се зголемува. Се уште немаат избрано во кое место ќе градат, така што следното доаѓање ќе им биде да ја одредат локацијата, но она што ни го кажаа е дека поради условите кои ги нуди Македонија имаат донесено веќе дефинитивна одлука да инвестираат токму во Република Македонија, и тоа сакаат да го направат што е можно побрзо”, изјави премиерот Груевски.

Премиерот Груевски се осврна и на бизнис форумот во Адана.

„Денес во Адана имаше голем интерес и голем број на компании дојдоа и како во секоја ситуација после презентацијата голем број од нив бараат директни средби. Имаме денес десетина директни средби со други компании и неколку кажаа дека со сигурност ќе дојдат да инвестираат. Две во земјоделието, некои компании за изработка на пластика, некои од текстилната индустрија и други дејности. Постои голем интерес и не само интерес, туку и објави на одлуки за инвестирање”, изјави премиерот Груевски.