На првиот ден од работната посета на Европскиот парламент во Стразбур, членовите на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската Унија, Соња Мираковска, во својство на копретседавач и членовите Жаклина Лазаревска, Бајрам Кадрија, Жаклина Пешевска и Маја Морачанин, најпрво остварија одделни средби со европратеникот Тонино Пицула, координатор на Пратеничката група на социјалистите и демократите во Комисијата за надворешна политика, а потоа и со членот на МПК од страна на Европарламентот, холандскиот пратеник Тијс Ројтен.
На средбите членовите на Делегацијата изразија благодарност до Европскиот парламент кој со големо мнозинство дава континурана и силна поддршка на европската перспектива на нашата земја, како и очекување дека таа ќе продолжи и во текот на натамошните исчекори, сѐ до остварувањето на полноправното членство.
Пратениците информираа дека процесот на скрининг е во поодмината фаза и изразија подготвеност за исполнување на сите патокази кои ќе произлезат од него.
Во однос на Нацрт-резолуцијата на известителот Илхан Ќучјук, чија првична верзија беше објавена, беше оценето дека таа на објективен начин искажува пофалби, но ги нотира и областите во кој е потребен напредок, односно содржи укажувањата за следните чекори кои треба да ги преземе државата. Од наша страна беше изразена надеж дека и во финалната верзија, по амандманската расправа, Резолуцијата ќе ги отсликува реалните состојби во земјата. Беше изразено жалење што земјата до сега потроши многу енегргија на решавање на политички билатерални прашања, наместо целосно да се фокусира на реформскиот процес.
Европратениците изразија уверување дека финалниот документ, како и до сега, ќе ја даде безрезервната поддршка од страна на Европскиот парламент. Во размената на мислења, европратеникот Тонино Пицула ги сподели искуствата на Хрватска која мораше да надмине сериозни предизвици за да стане полноправна членка на Унијата. Како известител на Комисијата за надворешна политика за ЕУ Стратегијата на проширување, Пицула ја нагласи потребата проширувањето да остане високо на агендата, но зборуваше и за сѐ поизразената потреба на менување на принципот на донесување одлуки со консензус и негово задржување единствено при одлучувањето за влез во ЕУ, а одлучувањето со квалификувано мнозинство да се применува во текот на останатите чекори при отворање и затворање на кластерите и поединечните поглавја.
Тијс Реутен истакна дека е во тимот што сака да ја види Република Македонија во Европската Унија и дека како европратеник е подготвен да учествува во активности преку кои на пошироката јавност во земјата ќе ѝ ги предочи предносите на полноправното членство. Како што истакна, за него Македонија е веќе членка на семејството, потребно е само тоа да се финализира.
Делегацијата на Собранието се сретна и со учесниците во Жан Моне Дијалогот, пратениците Марион Валсман и Илхан Ќучјук. Во размената на мислења, беше нагласена пoтребата од постигнување конечен договор меѓу сите политички партии во Собранието на текстот на новиот Деловник кој има за цел да ја подобри ефикасноста на Собранието. Притоа, двете страни изразија подготвеност да ја интензивираат соработката со цел финализирање на процесот до крајот на мандатот во двата парламенти.
На средбата со европратеничката Ирена Јовева беше истакнато дека Република Северна Македонија е граѓанска држава, успешен пример на функционална, мултиетничка демократија, држава на рамноправни граѓани, со еднакви права и обврски и во тоа е нејзината големина и вредност. Јовева изрази уверување дека Резолуцијата која на крајот треба да биде усвоена на пленарна седница на Европскиот парламент, ќе содржи амандмани кои ќе го подобрат текстот во позитивна смисла.
Силната подршка не изостана и на средбата со Тинеке Штрик, која е член на Делегацијата во МПК ЕУ- Македонија. Таа оддаде признание за тешките процеси кои ги помина државата и повика на заеднички напори за олеснување на процесот на евроинтеграција, за што вети и заложби во рамки на политичката група на Зелените од која доаѓа.