Ескобар во Приштина: Очекувам добри вести по средбата во Охрид

Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во Приштина изјави дека очекува продуктивна средба меѓу премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ утре во Охрид.

Ескобар на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи рече дека очекува „да има добри вести“ по сабота.

„Очекувам позитивен резултат во Охрид“, изјави Ескобар.

Тој додаде дека намерата на САД е да ги поддржат сите резултати кои носат мир во регионот и да ги зајакнат можностите Косово, Србија и регионот да станат полноправни членки на евроатлантската заедница.

„Овој европски предлог е извонредна можност за траен мир меѓу двете земји. Нашата цел е да работиме за Косово и за целиот регион“, рече Ескобар.

Тој додаде дека затоа очекува позитивен резултат во Охрид.

И претседателката на Косово, Вјоса Османи, рече дека „Косово оди во Охрид“, со надеж за позитивни резултати.

Според неа, неопходно е да се постигне фер и сеопфатен договор со Србија, каде Косово и Србија се третираат како две рамноправни земји и додаде дека „Србија не треба да го попречува договорот“.