Испитниот материјал за полагање на државна матура на средношколците кои завршуваат оваа учебна година (2022-2023) е соодветен на сите случувања околу наставниот процес што ја засегна оваа генерација матуранти, велат од Министерството за образование и наука (МОН) откако дел од матурантите денеска побараа кратење на материјалот.
„Испитните комисии кои ги подготвуваат прашањата, имаат предвид дека наставата повремено се организираше онлајн поради ковид-пандемијата и поради заканувачките дојави, а повремен прекин се случи и поради штрајк на наставниот кадар. Прашањата ќе се однесуваат исклучиво на најважните аспекти, податоци и информации од материјалот кој учениците го совладале во четирите години од нивното средно образование. Олеснителна можност беше дадена и пред две години, кога се одлучи наместо три екстерни и еден интерен предмет, матурантите да полагаат два екстерни и два интерни предмети, концепт по кој полагаат и годинешните матуранти“, велат од МОН.
Дополнително, потенцираат од Министерството, датумите кога матурантите ќе полагаат се веќе дефинирани и имаат доволно време да се подготват односно да се потсетат на тоа што веќе е поминато и научено.
Од МОН денеска имале и средба со Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) на која зборувале токму на оваа тема, а во наредниот период најавуваат дека ќе организираат и состанок со Сојузот на средношколци и други засегнати страни.
Државната матура, нагласуваат, е важен процес затоа што значи заокружување на средното образование и е основен услов за запишување на факултет, при што додаваат дека полагањето ќе се одржи без ниту еден ученик да биде оштетен.
Денеска на протестот пред МОН, дел од средношколците рекоа дека тие се најоштетената генерација која ниту една учебна година не поминала без некаков прекин поради пандемијата, штрајковите, дојавите за бомби, па затоа бараа кратење на материјалот.