
Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска побара голема поддршка од САД за Украина во нејзината борба со проруските сили на југоисток на земјата, која би вклучувала и воена и невоена помош, како и построги санкции кон Москва и специјален безбедносен статус за Киев, објави МИА.
– Силно ги охрабрувам САД да ни дадат специјален безбедносен и одбранбен статус, кој овозможува најголемо ниво на интеракција со сојузниците кои не се членки на НАТО – изјави Порошенко во обраќањето пред членовите на американскиот Конгрес.
Тој побара поголема помош за украинската војска, изјавувајќи дека на Украина ѝ е потребна поголема политичка поддршка пошироко во светот.
– Потребно е поголема воена опрема. Ќебињата и средствата за ноќно надгледување се исто така важни, но војна не може да се добие со ќебиња – наведе тој.
Тој воедно побара построги санкции кон Русија, поради како што рече, „одземањето на Крим од Украина“ и поради поддршката на сепаратистичкото движење.
Во текот на посетата на Порошенко во Вашингтон, Администрацијата на американскиот претседател најави дека САД ќе и понудат на Украина пакет-помош вреден 53 милиони долари. Од тоа 46 милиони долари се предвидени за хуманитарна помош.
Порошенко би требало во текот на вечерва да се сретне со претседателот Барак Обама.