
Премиерот Дмитар Ковечвски во вторникот не сакаше да ги негира извештаите за постењето на тунелот во затворот „Идризово“ кој требало да послужи како излез за бегство на осуденици, и посочи дека тоа е работа на службите кои треба да гарантираат безбедност.
„Информациите за затворот ги имаат службите за безбедноста во државата, вклучувајќи го МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за извршување санкции и се што е потребно е преземено во однос на санирање и унапредување на состојбите во КПД ‘Идризово’“, рече Ковачевски.
Како што известено претходно, рано утрово затворската полиција во затворот во „Идризово“ крај Скопје направила голема акција со цел да ги сузбие можните обиди за бегство на осудените лица. Во акцијата била вклучена и градежна механизација.
Неофицијално, во оваа акција е откриен ископан тунел во должина од околу 60 метри. Недостигале уште неколку метри за да се дојде до главниот преграден ѕид на затворот. Според првичните неофицијални информации, тунелот бил добро осмислен, а во него имало и потпорни греди. Осветлувањето било решено со пуштен кабел со светилки.
Според првичните информации, тунелот бил прокопуван најмалку четири до пет месеци наназад.
Пред еден месец директорот на затворот Шпенд Тахири го смени комплетното раководство на затворската полиција и назначи лица со искуство во затворскиот систем, кои веќе почнаа да даваат резултати.