Непотизмот во Македонија веќе не може да се каже дека е на блиските роднини од оваа влада, туку и сведен е на се што може да им купи глас во моментов. Страшен е пазарот кој се случува, го знаеме сите податокот дека Артан Груби на својот брат му префрлал по 1 милион денари, што реагираше Антикорупциска, дури и Грковска го прозва. Да не се спомене дека власта нема тронка срам за тоа што го прават, непотизам од една страна и распродажба од друга страна, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска за „За или против“ на Алфа телевизија.
Посочи дека гледаме како европски министри за една погрешна случка поднесуваат одговорност, а кај нас не видовме ни кога болница изгоре, ни со автобусот на Беса Транс, додека во меѓувреме власта прави дефокус друг да им биде крив.
Во однос на културата, Стојкова Серафимовска истакна дека актуелната владејалка гарнитура не се грижи за националната култура, што ѝ е една од обврските.
„Тоа го немаме во оваа Влада, во оваа држава го нема. Националните културни институции чија единствена цел и најважна е да се грижат за националното македонско творештво, тие не се грижат. Нема национални дела во музичките институции, нема во театрите, се е сведено на инцидентно“, рече пратеничката.
Стојкова Серафимовска како пример дека власта не се грижи за ништо ја даде Старата скопска чаршија каде се рушат култни објекти иако е заштитена со закон.
„Еве еден пример што се случува во Старата скопска чаршија за која има и закон, прогласена е за културно добро од исклучително значење, највисока категорија на значење и таму снемува стари објекти, а никнуваат непознати зданија. Последно имавме ситуација со култниот локалитет ‘Шар’ кој беше срушен и на тоа место расте нешто без табла кој е инвеститор и што се гради”, посочи Стојкова Серафимовска.