
Слика на познатиот уметник Џексон Полок е откриена во Бугарија во рамките на меѓународна операција против криумчарење на уметнички вредности, објави Бугарското национално радио (БНР), повикувајќи се на извори блиски на истрагата.
Според соговорниците, операцијата под покровителство на Европол, била спроведувана во бугарската престолнина Софија и во грчката Атина, како и на грчкиот остров Крит.
Во текот на рациите биле приведени тројца грчки и еден бугарски државјанин. Грчката полиција притоа на Крит и во Атина запленила пет други слики на познати автори, но засега не е објавено за кои дела и уметници станува збор.
Припадниците на бугарската Дирекција за борба против организираниот криминал (ГДБОП) во текот на претрес на една локација откриле слика во чиј горен десен агол стоел потписот на Џексон Полок.
Делото им било предадено на специјалистите од Националната уметничка галерија во Софија, а експертизата потврдила дека станува збор за некаталогизирано дело Полок, коешто датира од 1949 година. Според стручњаците, аукциската цена на сликата би можела да достигне до 50 милиони американски долари.
Џексон Полок, е култниот водечки идеолог творец на американскиот апстрактен експресионизам кој загина во 1956 година на само 44-годишна возраст, но имаше значително влијание врз уметноста од втората половина на XX век. Го развил методот „drip painting“ при создавање на сликите кој се карактеризира со прскање на боите врз платното.