Северна Кореја истрелала крстосувачки проектили

Северна Кореја во средата истрелала, според првичните процени, повеќе крстосувачки ракети од својот источен брег, објави јужнокорејската новинска агенција Yonhap.

Во Сеул сѐ уште немаат прецизни податоци колку проектили се лансирани, но изворите на агенцијата наведуваат дека станува збор за севернокорејските стратешки крстосувачки проектили со долг дострел.

Северна Кореја изминатите седмици ги засили лансирањата на различни видови проектили и продолжи со нуклеарните тестови, а притоа истрела минатата седмица интерконтинентални балистички проектили и изведе симулација на нуклеарен противнапад врз САД и Јужна Кореја минатиот викенд.

Севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун изјави дека неговата земја би требало да биде подготвена да изведе удар за нуклеарно одвраќање на непријателот. Ги обвини Вашингтон и Сеул за зајакнување и интензивирање на заедничките воени вежби коишто вклучуваат и американски нуклеарни средства.

Ким ја даде таа изјава во неделата, откако Северна Кореја, како што извести државната новинска агенција KCNA, извела нуклеарни тактички вежби со цел да испрати „силно предупредување против непријателите“. На тие вежби балистичкиот проектил прелетал 800 километри пред да погоди цел на височина од 800 метри, според сценариот за тактички нуклеарен напад.