
Александар Милојевиќ и Игор Митровски се двајцата наши судии што ќе имаат можност да ја делат правдата во новата сезона од АБА-лигата. Раководството на регионалното натпреварување го објави списокот од 39 арбитри што се избрани за да ги водат натпреварите во сезоната 2014/2015, на која се најде место за двајца Македонци.
Србија е најбројна со девет судии на оваа листа, пред Словенија и Хрватска со по осум арбитри во новата сезона од АБА-лигата. Од оваа сезона на судиската листа се најде и бугарскиот арбитар Искрен Манолов, сосема логично по вклучувањето на Левски во силното регионално натпреварување.
Како што е веќе познато, новата сезона од АБА-лигата стартува на 3 октомври, а во првото коло ќе се сретнат Црвена звезда – Левски, Мега визура – МЗТ Скопје, Будуќност – Металац, Шолнок – Партизан, Крка – Цедевита и Цибона – Унион Олимпија.