Кина е коавтор на руската резолуција за Северен тек во Советот за безбедност на ОН

Кина е коавтор на нацрт-резолуцијата која ја претстави Русија за истрагата за ланските експлозии на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Советот за безбедност при Обединетите нации, соопштија во четвртокот од руската дипломатска мисија во седиштето на светската организација во Њујорк.

„Коавтори на текстот се Кинезите, а можат да се појават и други земји“, објави на апликацијата Telegram заменикот на постојаниот руски претставник во ОН, Дмитриј Полјански.

Претходно во февруари годинава портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин истакна дека светската заедница има право да бара темелна истрага за експлозиите на руско-германските гасоводи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море имајќи ги предвид нејзините сериозни глобални последици. Според Ванг, „невообичаениот“ молк на американските функционери и на тамошните медиуми е збунувачки.

„Меѓународната заедница има право да бара темелна истрага, имајќи го предвид погубниот карактер на ова злосторство со уништување на голема транснационална инфраструктура и сериозните последици што тоа ги предизвика“, додаде претставникот на кинеската дипломатија.

Според објавите во руските медиуми, во предложениот текст се повикува генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да формира комисија којашто ќе го истражи инцидентот во кој во експлозии беа оштетени четирите цевководи на двата гасовода по што целосно беа прекинати испораките на евтиниот руски гас во Германија односно Европа.

Како што пишува дипломатот Полјански, Москва „совесно стручно работела на текстот цел месец и ги отстранила сите контрадикторни точки за конструктивно настроените партнери“.

Рускиот дипломат истакнува дека на претставниците на западните земји, коишто „демонстративно не учествуваа во креирањето на нацрт-резолуцијата, им останал еден ткн аргумент“. Според Полјански, имено, западните дипломати може да инсистираат на тоа дека не е потребна меѓународна истрага поради тоа што имаат „целосна доверба“ во информациите кои досега ги дале Данска, Шведска и Германија.

„И тоа и покрај фактот што ние ја дистрибуиравме преписката од којашто е јасно дека ние како непосредно погодена држава немаме причина да им веруваме на овие истраги“, додава Полјански.

Трите европски земји водеа засебни истраги но досега не ги објавија своите наводи за експлозиите, освен дека станува збор за саботажа, правдајќи се интерес од националната безбедност. Притоа го отфрлија учеството на руски експерти во истрагите или да ѝ дозволат на Русија да изведе сопствена истрага иако станува збор за нејзина клучна инфраструктура со меѓународно значење.

Гласањето во Советот за безбедност при ОН по нацрт-резолуцијата за истрагата за саботажите врз гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 ланскиот септември во Балтичкото Море, ќе се одржи на 27-ми март во 20 часот по македонско време, најавија од руската дипломатска мисија во Њујорк.