Демократската унија за интеграција ја повикува опозицијата да се приклучи кон, како што соопшти денеска, „Напорите за европска Северна Македонија и продолжување на интеграцискиот пат како единствена алтернатива за нашата земја“.
„Европскиот сон и стремеж на нашите граѓани зависи од пратениците во Собранието и нивната храброст да донесат одлука за следните генерации, а не за следните избори. Храброста и одлучноста во носењето одлуки се наградува од страна на граѓаните, но и од нашите евроамерикански пријатели. Повикуваме на општ општествен европски фронт и формирање на сојуз за Европска Северна Македонија“, наведе во соопштение ДУИ.
За нив се загрижувачки, како што наведуваат, недвосмислените изјави на предводниците на опозицијата против европската интеграција и одбивањето на помошта од меѓународните партнери, но оти се убедени дека „пратениците и граѓаните не ги споделуваат изолациските и антиевропски ставови на нивните лидери, туку ќе одлучат храбро и мериторно за продолжување на европскиот пат“.
„Во ВМРО-ДПМНЕ има европски сили кои што не се поистоветуваат со ставовите на нивните моментални предводници и не сакаат да ги повторат истите грешки кога застанаа на погрешната страна. Денешниот наратив, размислување и делување на опозицијата, за жал е ист како тој пред 6-7 години, кој што ја изолираше опозицијата меѓународно, но сепак тогаш опозициони пратеници смогнаа сила и храбост и се одважија на предизвикот при што денес, Северна Македонија е членка на НАТО и преговара за членство во Европската Унија“, стои во соопштението.