Јапонец уапсен во Кина поради шпионажа

Јапонецот уапсен во Кина а чиешто ослободување го бара Токио, е осомничен за шпионажа, соопштија во понеделникот властите во Пекинг.

„Овој јапонски државјанин е под сомневање дека се впуштил во шпионски активности, кршејќи го притоа кривичниот законик и законот против шпионажа на Народна Република Кина. Кинеските власти против ова лице преземаа мерки на принуда“, изјави на редовниот брифинг Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи.

Во меѓувреме официјално Токио побара ослободување на јапонскиот државјанин „што е можно поскоро“.

„Јапонскиот амбасадор во Кина… претходно месецов беше известен за апсењето на Јапонец на возраст меѓу 50 и 60 години во Пекинг поради нарушување на кинеските закони“, изјави портпаролот на јапонската влада Хироказу Матцуно.

Додаде дека станува збор за маж кој е вработен во јапонската фармацевтска компанија „Astellas“. Јапонските медиуми известуваат дека тоа лице во Кина работело веќе две децении.

Јапонската службена новинска агенција Kyodo наведува дека станува збор за поранешен висок функционер на јапонската Трговска и индустриска комора во Кина, и дека бил уапсен пред самото враќање во Јапонија.

Мао Нинг потсети дека странските државјани во Кина, како држава на владеење на правото, морат да ги почитуваат домашните закони. Истакна дека последните години зачестиле таквите случаи во кои се вмешани јапонски државјани.

„На Јапонија би ѝ било подобро да ги дисциплинира своите државјани“, порача кинеската портпаролка.