Португалија до есен ја суспендира наплатата на ДДВ за основните прехранбени производи

Португалската влада планира да ја прекине наплатата на данокот на додадена вредност (ДДВ) за купување на 44 основни прехранбени производи во текот на следните шест месеци со цел да ја спречи високата инфлација, објави премиерот Антонио Кошта.

Прекинувањето на наплатата на ДДВ-то е составен дел од договорот што владата во Лисабон го потпиша со производителите и трговците, со цел стабилизирање на цените, изјави Кошта на почетокот на седмицата. Договорот вклучува и финансиска поддршка за земјоделците и сточарите во износ од 600 милиони евра.

Владата ќе ја прекине наплатата на ДДВ за лебот, тестенини, ориз, млеко, јајца, јогурт, сирење, растително масло, путер, месо и риба на шест месеци, со можност за продолжување, изјави португалскиот премиер. Стапката на ДДВ-то за основните прехранбени производи е 6 отсто.

Предлозите мора да бидат усвоени од парламентот, каде владата на Кошта има мнозинство.

Инфлацијата во Португалија достигна 8,2 отсто во февруари и е за 0,3 процентни поени пониска отколку во еврозоната. Сепак, цените на храната неодамна се зголемија за повеќе од 20 отсто.

Многу граѓани тешко врзуваат крај со крај поради значително пониските плати отколку во другите западноевропски земји. Кошта ја припишува високата инфлација првенствено на руската инвазија на Украина и предупредува дека цените може да се зголемат дури и по стапувањето на сила на мерките.

„Никој не знае колку долго ќе трае војната, а додека трае, постои опасност од натамошен раст на трошоците за производство“, посочи португалскиот премиер.