
Претставниците на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (FPÖ) во четвртокот го напуштија Долниот дом на австрискиот парламент во текот на говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во знак на протест против нарушувањето на австриската неутралност.
Зеленски им се обрати на пратениците преку видео врска и се заблагодари на Австрија за хуманитарната помош и помошта во проекти како што е деминирањето.
Неутралноста на Австрија ја спречува Виена воено да се вклучи во конфликтот, и иако политички ја поддржува Украина, не може да испрати оружје за борба против Русија.
Од FPÖ претходно најавија дека на некој начин ќе изрази протест против говорот на Зеленски. Нејзините претставници беа присутни во парламентот на почетокот на говорот, а потоа демонстративно станаа и ја напуштија салата.
„Жално е што FPÖ е единствената парламентарна партија која сериозно ја сфаќа нашата постојана неутралност и во исто време се залага за мир“, рече лидерот на FPÖ, Херберт Кикл.
Претставниците на FPÖ на своите бироа оставија помали плакати со партиското лого и порака „Простор за неутралност“ или „Простор за мир“.
Од петте партии во Долниот дом, FPÖ е трета партија според бројот на претставници. Во моментов, според анкетите, Слободарската партија има мала предност пред опозициските социјалдемократи и конзервативците на канцеларот Карл Нехамер, кој владее во коалиција со Зелените.
Сегашниот состав на парламентот има мандат до есента следната година.