Деветмина загинати во пад на американски воени хеликоптери во Кентаки

Девет лица загинаа во пад на два хеликоптери на американската армија од типот „ Black Hawk“ во текот на рутинска мисија за обука над сојузната држава Кентаки во средата вечерта по локално време, објави во четвртокот весникот The Washington Post.

Членовите на екипажите летале со два хеликоптер „HH-60 Black Hawk“, во составот на 101-та воздухопловна дивизија. Леталата се урнале во средата вечерта околу 22 часот по локално време, или 2 часот утрото во четвртокот по ГМТ во округот Триг во Кентаки, соопшти канцеларијата за односи со јавноста во базата Форт Кемпбел, но не го наведе бројот на жртвите.

Форт Кембел се наоѓа во близина на границата со Тенеси, околу 97 километри, северозападно од Нешвил. Минатиот месец двајца пилоти на Националната гарда на Тенеси загинаа кога нивниот хеликоптер „Black Haw“  се урна покрај автопатот во Алабама за време на вежби.

Нондис Турман, портпарол на базата Форт Кемпбел, изјавил дека смртоносните несреќи се случиле во средата ноќта во југозападниот дел на Кентаки во текот на рутинска мисија за обука, пренесува Associated Press. Додал дека инцидентите се случиле на 48 километри северозападно од базата, и дека се води истрага.

Хеликоптерите се урнале на ледина во близна на станбена зона но нема повредени на земјата, изјавил бригадниот генерал Џон Лубас, заменик командант на споменатата воздухопловна единица. Прецизирал дека во едното летало имало пет а во другото четворица членови на екипажот.

На прес-конференцијата во четвртокот, гувернерот на државата Кентаки, Ендио Бешиар вети континуирана поддршка на семејствата на загинатите припадници на војската.

Портпаролот Лубас рекол дека засега не е јасно што ја предизвикало несреќата на двете летала. Додал дека тим истражители од базата Форт Ракер во државата Алабама е упатен на местото на несреќата.

„Тие беа во мисија за обука, а попрецизно летаа во формација со повеќе бродови, два брода, со заштитна опрема за видливост при ноќен лет“, рекол Лубас.

Додал дека властите веруваат оти несреќата се случила „во текот на летот, а не при спроведување на предвидените вежби за медицинска евакуација“.

Овој модел летала имаат уреди слични на ткн „црни кутии“ кај патничките авиони, кои ги снимаат податоците за текот на летот и ќе бидат користени за анализа на несреќата.

Моделите „HH-60 Black Hawk“ се дизајнирани за пружање поддршка во текот на разни воени операции, во прв ред воздушни напади покрај медицинските евакуации.

Хеликоптерот „Black Hawk“ е еден од најзастапените во армијата на САД, која ги користи во осигурување безбедност во различни услови, транспорт, медицинска евакуација, мисии на потрагата и спасувањето и други опеарации. Овој тип летало стана пошироко познато по филмот „Black Hawk Down“ од 2001 година, кој раскажува за масакрот во Сомалија осум години претходно.

„Црните јастреби“ беа честа глетка на небото над Ирак и Авганистан за време на војните при изведување борбени мисии и исто така се користат од 160-тиот армиски воздухопловен полк за специјални операции. Тие, исто така, често се користеа за да ги превезуваат високите челници во посета на локациите на штабовите во воените зони во Ирак и Авганистан.