
Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша во четвртокот декретот со кој повика 147.000 руски државјани воени обврзници на служење воен рок како дел од редовното пролетно регрутирање, објавија руските државни медиуми.
„Од 1-ви април до 15-ти јули 2023 година ќе се врши регрутирање на руски државјани на возраст од 18 до 27 години, кои не се во резервен состав а кои подлежат на воена служба. Ова се однесува на 147.000 луѓе“, се наведува во указот на рускиот претседател.
Рускиот претседател последен пат потпиша ваква одредба во септември, повикувајќи 120.000 граѓани на редовна служба, објави државната новинска агенција ТАСС.
Во тоа време, руското Министерство за одбрана соопшти дека редовното есенско регрутирање „не е никако поврзано со специјалната воена операција“, официјален руски термин за инвазијата на Украина.
Сите мажи во Русија на возраст од 18 до 27 години мора да отслужат воен рок во траење на една година.