Европскиот комесар за земјоделство Јануш Војчеховски во четвртокот изјави дека ќе го поддржи предлогот на Полска за ограничување на трговијата со Украина, во време кога некои европски земјоделци се незадоволни од увозот на евтините украински житарки.
По почетокот на инвазијата на Русија, поради воените операции и подводните мини кои пред инвзијата ги поставила украинската морнарица, останаа блокирани црноморските пристаништа на Украина, преку кои се одвиваа некои од најголемите извози на житарки во светот, па Киев најде алтернативни синџири преку членките на Европската унија, Полска и Романија.
Тесните грла во снабдувањето резултираа со големи количества украински житарки, поевтини од оние произведени во Европа, кои завршуваат во земјите-членки на ЕУ, често и транспортирани илегално, што им наштети на локалните производители.
„Ако полската влада побара да се ограничи трговијата со Украина, јасно е дека ќе го поддржам тој предлог“, изјави Војчеховски за новинарите во Брисел.
Полјакот, член на владејачката партија Право и справедливост (PiS), ја даде изјавата по состанокот на Европската комисија на кој беше одобрен пакет помош од 56 милиони евра за земјоделците во земјите кои граничат со Украина. Полска ќе добие 30 милиони евра како дел од пакетот.
„Веќе подготвуваме нов пакет помош и тој ќе биде од поголема сума“, рече еврокомесарот.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки претходно во средата изјави дека сака ЕУ да ги искористи сите можни алатки за да го ограничи количеството украинско жито што влегува на европскиот пазар. Моравјецки нагласи дека се согласува со лидерите на неколку земји соседни на Украина кои бараат од Европската комисија да дејствува по ова прашање.
Војчечовски рече дека овие земји мора да постигнат единствен став, кој потоа ќе го поддржи.