
Норвешката полиција објави дека претходно седмицава во главниот град Осло запленила околу 820 килограми кокаин сокриен во камион со овошје, што е досега најголемото количество откриено во некоја скандинавска земја.
„Засега ова е најголемото количество запленето во Норвешка и нејзината вредност се проценува на неколку десетина милиони евра“, рече на прес-конференцијата во четвртокот началничката на полицијата во Осло, Грете Лиен Метлид.
Заплената на дрогата била изведена претходно оваа седмица во центарот на норвешката престолнина, но Метлид одби да ја посочи точната локација.
„Никој не е уапсен во овој случај. Една од претпоставките е дека таа дрога не била наменета за Норвешка и за норвешкиот пазар“, додаде Метлид истакнувајќи дека количеството е невообичаено за земја којашто има 5,4 милиони жители.
Оваа заплена била изведена, како што наведуваат норвешките власти, по сличната операција во источната германска сојузна покраина Бранденбург.
Германските цариници и полицајци на почетокот од седмицава откриле големи количества кокаин во камион со овошје и за тоа ги предупредиле норвешките колеги, откако истрагата покажала дека слична пратка е упатени во Норвешка, изјави Тим Гурик, директор на норвешката царинска служба.
Запленетото количество дрога во оваа акција е повеќе од двојно поголема од вкупно запленетата дрога во Норвешка во последните пет години, истакна Гурик.