Фон дер Лејен кандидатка за челник на НАТО

Британскиот таблоид The Sun доцна ноќта кон саботата објави во своето електронско издание дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен е кандидатка за нов генерален секретар на Алијансата.

Британските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, пишуваат дека дел одз земјите членки на НАТО предложиле Германија да го преземе раководството на Алијансата од октомври годинава, по завршувањето на мандатот на актуелниот генерален секретар, Норвежанецот Јенс Столтенберг, кому поради тензиите и подоцна војната во Украина неколкупати му беше продолжуван мандатот.

Според најавите, Столтенберг треба да ја напушти функцијата по девет години, додека мандатот на претседателката на Европската комисија истекува следната година.

Таблоидот пишува дека Фон дер Лејен ја очекува тешка борба, бидејќи Велика Британија ќе се спротивстави на нејзината кандидатура, затоа што смета дека таа лошо управуваше со вооружените сили додека беше министерка за одбрана на Германија.

Германскиот весник Welt am Zontag објави дека меѓу кандидатите за нов генерален секретар на НАТО се и актуелниот британски министер за одбрана Бен Валас и шпанскиот премиер Педро Санчез. The Sun го споменува и актуелниот британски премиер Риши Сунак, а како кандидати се споменуваат и естонската премиерка Каја Калас и канадската министерка за финансии Кристија Фриланд.