Бундеслига: Баерн се врати на врвот со победата над Борусија

Фудбалерите на Баерн Минхен се вратија на врвот на табелата на германското првенство откако со убедливи 4:2 на домашен терен го добија дербито со Борусија од Дортмунд.

Натпреварот во многу беше насочен од киксот на гостинскиот голман Грегор Кобел во 13 минута. Упамекано тогаш се обиде да го проигра Сане, Кобел го прочита тоа додавање истрча од гол-линијата но ја промаши топката која заврши во мрежата. На крајот тој погодок беше впишан како автогол на голманот на Борусија. Баерн ја искористи збунетоста на гостинските играчи во следните минути со два брз гола на Томас Милер во 18 и 23 минута кога двапати се најде на вистинското место во вистинско време за Баварците да дојдат до недостижните 3:0.

Победникот во дербито беше решен уште во 50 минута кога Кингсли Коман реализираше уште една одлична акција на домашните. Борусија до крајот на мечот успеа само да го ублажи поразот преку Емре Чан во 72 минута од пенал и Донуел Мален во 90 минута.

Баерн сега е на чело на табелата со 55 бодови, а Борусија Дортмунд остана на 53.

РБ Лајпциг го доживеа и третиот пораз во последните четири кола, и тоа беше поразен на свој терен од Мајнц со убедливи 0:3.

Лајпциг лошо го започна мечот и уште во 9 минута беше во заостанување, кога Маркус Ингвартсен во мрежата спреми една одбиена топка. На средината од вториот дел во 57 и 68 минута домашната мрежа ја затресоа и Лудовик Ажорке односно Доминик Кор.

РБ Лајпциг остана на 45 бодови и на петтото место кое води во Лига Европа, четири бода повеќе од шестиот Ајнтрахт Франкфурт. Мајнц, пак, сега со 40 бодови се искачи на осмото место.

Фрајбург дома ремизираше со Херта со резултат 1:1. Домашните поведоа преку Винченцо Грифо во 52 а гостите израмнија во 77 минута преку Џесик Нгамнјам.

Фрајбург остана со 47 бодови на четвртото место, последното кое следната сезона води во Лигата на шампионите, а Херта со 22 бодови е на 16-то место од кое се игра квалификации за опстанок, со ист број бодови како и Хофенјахм место погоре.

Аугсбург во финишот испушти сигурно водство од 2:0 на гостувањето кај Волфбург, и дуелот заврши со резултат 2:2. Гостите на полувремето водеа со 2:0 со автоголот уште во 2 минута на Максимилијан Анролд и погодокот на Мергим Беирша во 32 минута. Аугсбург го одржуваше сигурното водство до 84 минута кога за домашните погоди Лука Валдшмит а бодот го донесе Феликс Нмеча во шестата минута од судиското продолжение на мечот.

Волфсбург е деветти со 39 бодови, а Аугсбург моментално со 29 бодови е на 12-то место.

Унион Берлин на домашен терен го скрши отпорот на Штутгарт за сигурната победа од 3:0. Стрелци на головите беа Шералдо Бекер во 51, Кевин Бехренс во 65 а во 68 минута автогол постигна Генки Харагуши.

Унион Берлин се зацврсти на третата позиција со 51 бод, додека Штутгарт остана последен 18-ти со 20 бодови, два помалку од најблиското место кое гарантира опстанок во Бундеслигата.

Идентична победа од 3:0 оствари и Баер Леверкузен но на гостувањето кај Шалке 04. И „Аптекарите“ до победата дојдоа во вториот дел, преку головите на Џереми Фримпонг во 50, Флоријан Вирц во 61 и Сардар Азмун во 90 минута.

Баер Леверкузен сега е седми со 40 бодови, а Шалке е претпоследен 17-ти со 21 бод.

Во недела на распоредот се дуелите Келн – Борусија Менхенгладбах и Вердер – Хофенхајм.