Над илјада полицајци повредени во протестите низ Франција

Повеќе од илјада полицајци и пожарникари се повредени во протестите и безредијата ширум Франција, изјави во неделата министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен за локалните медиуми.

Франција е зафатена со штрајкови и протести откако претседателот Емануел Макрон и владата ги истуркаа плановите за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, особено откако ги искористија прописите да го заобиколат парламентот во кој пред две седмици владата тесно го преживеа гласањето за доверба.

Дерманен за францускиот весник Journal du Dimanche (JDD) изјави дека 1.093 полицајци и пожарникари биле повредени од избувнувањето на протестите во март. Покрај тоа, имало 2.579 вооружени инциденти и 316 напади на јавни објекти, изјави за неделникот во разговорот објавен во неделата.

Министерот не изнесува поединости за повредените демонстранти, но рече дека 36 полицајци се под истрага поради сомневање за прекумерна употреба на сила. Дарманен притоа ги отфрла обвинувањата дека полицајците биле агресивни кон демонстрантите и дека употребиле непропорционална сила.

„Правото на протест не го вклучува правото на насилство. Полицијата мораше да интервенира кога инаку мирните протести станаа насилни“, вели Дарманен.

Додава дека полицијата може легитимно да покаже сила и, како што вели, понекогаш да постапува грубо, но со тоа одговара на „крајно насилните напади на професионалните бунтовници чија цел е уништување имот и убивање на полицајци“.

Протестите, кои беа мирни неколку седмици, станаа насилни на 16-ти март кога владата ја протурка контроверзната реформа без гласање во парламентот. Уставниот совет сѐ уште ја разгледува реформата.

Синдикатите повикаа на 10-ти национален ден на штрајкови и протести во четврток, а владата не покажува знаци на повлекување. Штрајковите продолжуваат да го нарушуваат јавниот живот. На места е загрозен авиосообраќајот и снабдувањето со гориво на бензинските пумпи.