Европската унија (ЕУ) ќе се спротивстави на секоја злоупотреба од руска страна за време на нејзиното претседавање со Советот за безбедност на ОН во април, изјави денеска во Брисел првиот европски дипломат, Жозеп Борел.
„Доаѓањето на Русија за претседавач со Советот за безбедност на ОН вредно е како првоаприлска шега. И покрај тоа што е постојана членка на Советот за безбедност, Русија продолжува да ја крши самата суштина на правната рамка на ОН“, рече Борел.
Русија од саботата го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН во текот на април, а Москва соопшти дека нејзината делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Првиот состанок на Советот за безбедност под руско претседателство треба да се одржи во понеделник, но тоа ќе биде само вообичаените разговори зад затворени врати за работната програма за месецот.
Потоа, како што е вообичаено, новиот претседавач, рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, треба да одржи прес-конференција на која ќе ги изложи чекорите што треба да се преземат во текот на месецот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата повторно повика на „реформа на глобалните институции, вклучувајќи го и Советот за безбедност на ОН“.