Марјан од „Доказ“ осуден на три години и еден месец затвор

Три години и еден месец затвор за Марјан Стаменковски, сопственик на порталот ДоказМ изрече првостепениот суд. Тој е осуден за уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и злоупотреба на лични податоци.

За злоупотребата на личните податоци доби казна од 5.000 евра. Судот му забрани да регистрира домеин или да биде сопственик на портал во следните 10 години, а и порталот „Доказ“ ќе престане да постои бидејќи Стаменковски е негов сопственик.

Според пресудата, Стаменковски уценувал вработен во Царина да му плати пари за да не објави текст за него, откако претходно незаконски го прислушкувал. Заканата била дека ќе објавел дека вработениот во царина имал вонбрачно дете.

Осуден е и за ширење ксенофобичен материјал врз основа на религија, кој го објавил за две новинарки на „Фокус“, а злоупотребил лични податоци на вработени во јавното обвинителство.