Македонската економија тоне, анти-кризните мерки се само во корист на големите компании

Во последните три години, односно од 2019 до 2022 година во земјава клуч на врата ставиле точно 20.063 компании кои во претходните години активно учествувале на пазарот на трудот, тврди во денешното соопштение партијата Левица.

Според партијата, последните три години важат за најтешки години за македонската економија, појавата на пандемија, економска криза, недостаток на енергенси и рекордна инфлација придонесоа за тешка положба на пазарот на трудот.

„Анти-кризните мерки кои Владата ги воспоставуваше во последните три години не вродија со никаков плод. Како што стоеше и во соопштението на Европската комисија – анти-кризните мерки кои ги предлага Владата се: недоволни, погрешно насочени и нетранспарентни за ова поднебје. Само во 2022-ра година од 6.857 компании, 6.289 или 91.7% од затворените фирми претставуваат микрокомпании. Овој податок ни укажува за самата состојба на македонската економија и анти-кризниот сет на мерки кои Владата ги спроведуваше изминатите години“, се наведува во соопштението.

Според партијата, додека малите фирми пропаѓаат секојдневно, крупниот капитал во државата достигнува рекордни добивки.

„Голем број на домашни банки најголемиот дел од своите добивки ги добија од провизии, големите домашни производители енормно ги зголемија цените на своите продукти со цел на остварување на поголема добивка, благодарение на пасивноста на инспекциските служби и Владата. Предводени од Владата на чело со (Димитар) Ковачевски, македонската економија продолжува да тоне, микроекономијата е сведена на преживување, а анти-кризниот сет на мерки главно беше во корист на големите компании кои без никаков проблем ги пребродија овие кризни времиња“, се додава во соопштението.