Лани во Грција регистрирани 74 случаи на расистичко насилство

Во 2022 година, во Грција биле регистрирани 74 случаи на расистичко насилство во кои поголем дел од жртвите биле бегалци/мигранти или припадници на ЛГБТ заедницата, јави МИА од Атина.
Мрежата за регистрација на случаи на расистичко насилство денеска во Атина го презентираше годишниот извештај, а претседателката на Националната комисија за човекови права, професорката Мариа Гавунели истакна дека меѓу регистрираните случаи има случаи на семејно насилство, како и на насилство во училиштата и на факултетите.
Таа истакна дека организираното расистичко насилство сѐ уште постои во земјата, но сепак не е во толкави размери како порано.
Согласно извештајот за 2022 година, од 74 случаи, 38 се насилство врз ЛГБТ+ заедницата, 33 врз мигранти и бегалци, две се врз основа на религијата, односно нападнати џамија и споменик на холокауст, а во еден од случаите жртвата бил Ром.