Артан Груби си ја зголеми моќта на последната владина седница која тој ја водеше. Министерот за политички систем во својство на вицепремиер доби овластувања и на координатор на проектите за патната инфраструктура од Коридорот 8. Груби е назначен и за координатор за надзор на граничните точки со Албанија и Косово. Владата не дава дополнителни детали надвор од писменото соопштение.
Во меѓувреме, премиерот Ковачевски рече дека Груби никому не му ги презел ингеренциите, туку само координацијата.
„Ако имате лични анимозитет тоа се лични работи! вицепремиерот Груби во последните две години беше на чело на раководниот комитет на Коридорот 8, а сега овој проект избра проектанти, реализатори, надзорници, а тие штотуку ги започнаа работите, поточно подготовките за работа во Коридорот 8“, рече премиерот Ковачевски.
Иако изградбата на автопатиштата е во надлежност на министерот за транспорт и врски, координацијата и следењето на работите ги врши Груби. Во овој случај, Благој Бочварски ќе продолжи да ги држи потписот и одговорноста, а за се друго ќе се грижи министерот за политички систем и односи меѓу заедниците. Министерот за транспорт денеска побегна од камерите и не сакаше да зборува.
Додека Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија испитуваат сомнежи за прекршување на постапката за изборот на надзорните фирми за изградба на коридорите 8 и 10, првиот вицепремиер Груби, според експертите ја зголемува моќ во Владата. За експертите, ваквото пречекорување на овластувањата создава простор за сомневање за можна корупција на Груби со фирмите што ќе ги спроведуваат инфраструктурните проекти.
Владата на 8 март го потпиша договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10.