Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја посети Турција за да разговара за договорот од јули 2022 година за извоз на украинско жито преку Црното Море, соопштија турските власти.
Лавров се сретна со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу во Анкара на вечерата по повод крајот на Рамазанскиот пост. Заедно со Чавушоглу ќе одржи прес-конференција, а потоа ќе се сретне со претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Турција, членка на НАТО, се обидува да ги убеди Русија и Украина да ги обноват мировните преговори, надевајќи се дека ќе ги искористи дипломатските напори што ги направи минатата година.
„И покрај фактот што меѓународната ситуација е посложена, руско-турскиот политички дијалог, главно на ниво на претседатели на држави, продолжува“, соопшти руското Министерство за надворешни работи во пресрет на посетата на Сергеј Лавров.
Рускиот министер, кој последен пат ја посети Турција во јуни, треба да разговара со турските власти за договорот за жито, кој, според руското МНР, „во знак на добра волја е продолжен за шеесет дена“.
Турција побара продолжување од 120 дена, согласно првиот договор.
Украина е меѓу најголемите производители на жито во светот. Договорот, кој беше потпишан во јули 2022 година со посредство на Анкара и Обединетите нации, досега овозможи извоз на повеќе од 25 милиони тони жито.
Рускиот претседател Владимир Путин и Ердоган одржуваат редовен контакт, било по телефон или на средби лице в лице. Тие се сретнаа четири пати минатата година.