За три месеца спасени над 14.000 мигранти крај брегот на Тунис

Туниската национална гарда соопшти во петокот дека спасила повеќе од 14.000 мигранти, главно од субсахарска Африка, во првите три месеца од годинава.

Од 1-ви јануари до 31-ви март, крајбрежната стража спасила 14.406 луѓе, од кои 13.138 од субсахарска Африка, а другите од Тунис, се вели во соопштението на Националната гарда.

Речиси сите спасувања се случиле во областите на Сфакс, вториот град во Тунис, и Махдија, во централно-источниот брег на земјата. Во текот на тие операции, Националната гарда уапсила 63 лица и запленила 135 чамци и 12 возила коишто биле користени за транспорт на мигранти.

Повеќето африкански мигранти доаѓаат во Тунис, од каде се обидуваат да стигнат до Европа по море. Брегот на Тунис се наоѓа на помалку од 150 километри од италијанскиот остров Лампедуза.