
Пред Уставен суд во петокот попладнето, во организација на партијата Демократи, се одржува протест против драстичното зголемување на функционерските плати кое се движи до 78 отсто. Граѓани се собираат пред Уставниот суд да го искажат незадоволството бидејќи зголемувањето на платите е овозможено откако овој суд укина два члена од Законот за плати и надоместоци на функционери.
„Уставниот суд експресно донесе одлука да се зголемат платите на сите функционери (претседателот, премиерот, министрите, замениците министри, пратениците, градоначалниците, директорите на државните институции и агенциите, судиите, вклучувајќи ги и уставните судии кои го донесоа Законот) од следниот месец во просек за неверојатни, астрономски 78 проценти. Одлуката на судиите од Уставниот суд, да се зголемат платите на сите функционери во просек за неверојатни, астрономски 78 отсто, вклучувајќи ги и оние на самите себе, е навредлива за граѓаните, невкусна, срамна и експресно донесена! Да се покачат платите на функционерите за неверојатни, астрономски 78 отсто во време на катастрофална економска криза, во време во кое граѓаните стануваат сѐ посиромашни, живеат помизерен живот и со секој изминат ден сѐ повеќе страдаат за парче леб, е невидена пљачка на народниот буџет! ДЕМОКРАТИ сметаат дека оваа срамна одлука на Уставниот суд е погрешна и бараме ИТНО да ја повлече!“, соопштија од Демократи.
Собранието има механизми ако сака да ги намали платите на функционерите. Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски преку отворено писмо ги подучува актуелниот Талат Џафери и координаторите на сите пратенички групи како да си ги замрзнат платите без да чекаат владин предлог, кој и денеска не е стигнат до нив.
Тој потсетува дека првото замрзнување на платите на фукционерите било направено во 2009 година, со измена и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица. Она што Вељаноски смета дека треба да се направи е самите пратеници да си поднесат предлог за законски измени, без да ја чекаат владата.
„Ако чекате Владата да ви достави текст на Закон, ќе се изначекате водејќи се според односот на Владата во однос на ветувањето дека ќе бидат намалени високите примања на функционерите од регулаторните тела. Наместо да молчите, свикајте ад-хок координација согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание и донесете Заклучок да се изготви Закон за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Ова законско решение потоа, по итна постапка можете да го донесете уште истиот ден на итна седница и тоа ќе стапи во сила уште веднаш“, рече Вељаноски.
Владата пак, иако најави брзо носење на одлука за намалување на платите на функционерите, се уште нема почнато постапка. Оттаму се правдаат дека сакале да ги опфатат сите кои со укинувањето на двата члена од Законот за плати на функционерите ќе добијат покачување, па затоа не избрзале со ставањето на предлог на маса. Вицепремиерот Фатмир Битиќи во телевизиско интервју пак, посочи дека не морала владата брзо да реагира и покрај тоа што јавноста гласно негодува за високите плати на функционерите.
Ако се испочитува одлуката на Уставен суд повисоки плати ќе добијат претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, но и министрите, пратениците, директори на државни претпријатија, градоначалници и други, близу 600 функционери.
Иако декларативно се залагаат, функционерите се уште не мрдаат со прст за намалување на платите, нешто што ги натера граѓаните денеска револтот да го искажат пред зградата на Уставниот суд.