Кремљ: Истекувањето на документите ја потврдуваат вклученоста на САД во војната во Украина

Истекувањето на доверливите документи со поединости за плановите на САД и НАТО за координирање и помош на Украина во долгонајавуваната офанзива ја потврдува директната вклученост на Вашингтон во војната која се води во оваа земја, соопшти во петокот Кремљ.

Влијателниот американски дневен весник The New York Times во четвртокот цитираше функционер од администрацијата на претседателот Џо Бајден дека протекле тајни документи со планови за зајакнување на украинската војска пред планираната противофанзива чија намера е да се врати контролата врз териториите кои сега се под управа на руските сили.

Весникот пишува дека Пентагон сега истражува кој стои зад истекувањето, како и дека воените аналитичари сметаат дека делово од објавените на Twitter и на Telegram документи се намерно изменети за да се намалат американските процени на загинатите руски и зголемување на загинатите украински војници. Но тоа, сметаат другите медиуми, е обид да се минимизира скандалот со протекувањето на материјалите и минимизирањето на сторената штета.

„Немаме ниту најмала дилема во врска со директната или индиректната вклученост на САД и НАТО во конфликтот меѓу Русија и Украина“, изјави во петокот за американската телевизија CNN портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги документите коишто Киев претходно ги нарече „руска операција на дезинформирање“.

Песков го повтори ставот на официјална Москва дека САД и НАТО сѐ посилно се вклучуваат во судирот во Украина.

„Го следиме тој процес. Да, тоа секако комплицира сѐ, но не може да влијае на конечниот резултат на специјалната воена операција“, како што Русија официјално ја опишува инвазијата во Украина, рече Песков.