За случајот „Бехтел и Енка“ од надлежните институции се побарува одредена документација, а се преземаат и други доказни средства, но во овој момент не може да се соопштат повеќе детали, рече државниот обвинител Љубомир Јовески во петокот вечерта во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Јовески напомена дека Обвинителството за сите пишувања или коментари во медиумите не е добро веднаш да отвори истрага. Мора тие сомненија да се подигнат на повисоко ниво за да може да се отвори постапка по допрен глас.
Во врска со предметот „Пасоши“, Јовески информира дека се преземени доста мерки, не само во рамки на нашите институции, туку и во соработка со други државни органи. Одредени докази, потенцира обвинителот, укажуваат на определени злоупотреби во постапките.
„Мора да прифатите дека се работи за сложен предмет. Одредени докази укажуваат на определени злоупотреби во постапките. Голем дел од доказите треба да се обезбедат со меѓународна правна помош и во соработка со надлежни органи од други држави. Во моментот кога јавниот обвинител ќе собере доволно докази, тогаш ќе се отвори истрага спрема конкретни лица. Во конкретниот случај не можам да кажам кога ќе биде тоа зашто се очекува соработка со повеќе институции од надвор, подвлече Јовески.