
Повеќе од 3000 учеснички трчаа на денешната Авицена Женска трка во Скопје и поставија нов рекорд на натпреварувачки.
– Со денешната 11. Авицена Женска трка, со поставен рекорд од 3000 учеснички, припадничките на понежниот пол покажаа дека се грижат за себе, за своето тело и здравје. Исклучително сум среќна што оваа трка од година во година привлекува сѐ поголем број натпреварувачки. Ги поканувам сите заинтересирани да се пријават и земат учество на трките во наредниот период, а секако ги чекаме и наредната година на 12. издание на Авицена Женска трка – изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.
Стартот и целта на 3-километарската трка беа на булеварот Илинден кај фонтаната Лотос.
Победничка на овогодинешното издание на Авицена Женска трка беше Биљана Кираџиева која истрча за 10 минути и 56 секунди, второто место ѝ припадна на Рената Соколовска со 11 минути и 20 секунди, додека пиедесталот го дополни Фросина Михајловска за време од 11 минути и 30 секунди.
Стартот на трката го означи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, додека наградите ги доделија градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров.
Доделени беа и признанија за најбрзите во 7 возрасни категории. По доделувањето на наградите следуваше лотарија со извлекување на стартни броеви и најсреќните се здобија со подароци од партнерите на трката.