Анти-народната Влада на ДУИ и СДСМ, само за потребите на новоименуваниот стратешки партнер за изградбата на Коридорите 8 и 10 Д „Бехтел и Енка“, во скретена постапка, предлагаат измена на осум клучни закони, предупреди партијата Левица во соопштение до јавноста.
Измените на овие закони воопшто не се наивни и не само што со нив се кршат низа други законски и уставни одредби, истите се на штета на граѓаните на Република Македонија, тврди партијата.
Еден од законите којшто ќе претрпи измена е Законот за пренамена на земјоделско земјиште, каде, за потребите на „Бехтел и Енка”, се предлага пренамената на земјоделско во градежно земјиште да се врши само врз основа на еден член од законот – значи со законска одредба, без притоа да се бараат било какви дозволи или одобренија од државни органи или институции. Ова важи како за државно, така и за приватно земјиште.
Законот за експорпијација исто така ќе претрпи измени, со кои, меѓу другото, владението на експроприраната недвижност ќе му се предаде на инвеститорот веднаш штом одлуката за екпропријација стане конечна, без да се чека истата да стане правосилна. Со ваква законска одредба директно ќе бидат оштетени сите граѓани на кои што ќе им се одземе недвижност за изградба на коридорите и коишто, уште додека водат судски постапки за своите права, на нивниот имот веќе ќе се гради.
Измени се предлагаат и во Законот за работни односи каде ќе се дозволи прекувремена работа од над 8 часа неделно, односно над 190 часа годишно, како и во Законот за шуми, каде исто така пренамената на шумското земјиште ќе се врши по сила на закон, без барање на дозволи и одобренија од државни органи и институции.
Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер, се овозможува ослободување од данок на додадена вредност (со право на одбивка на претходен данок) и акциза на енергенти, како и ослободување од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила („pick-up” возила) на увозот кој е извршен од страна на стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“ за целите на овој проект.
За потребите на „Бехтел и Енка“ ќе се менуваат и Законот за урбанистичко планирање, Законот за културно наследство и Законот за минерални суровини.
„Со ваквото менување на закони по скратена постапка за потребите на приватно профитабилно правно лице, а на штета на граѓаните на Република Македонија, Владата на СДСМ и ДУИ уште еднаш докажа дека единствено се грижат за потребите на нивните стратешки партнери преку кои си ги полнат своите џебови, крадејќи од сопствениот народ“, се заклучува во соопштението на Левица.