САД го истражуваат изворот на истекување на доверливите документи

тајни докумениИстекувањето на доверливите воени документи објавени на социјалните мрежи пред извесен период ја вознемирува американската разузнавачка заедница која настојува да го открие изворот за кој поедини безбедносни стручњаци се сомневаат дека тоа би можело да биде некој од САД.

Неименувани функционери за агенцијата Reuters рекле дека широчината на темите коишто ги содржат документите, од војната во Украина до стратешки прашања поврзани со Кина, Блискиот исток и Африка, упатува на Американците повеќе отколку на нивните сојузници, со кои некои од тие материјали биле споделувани.

„Сега фокусот е ставен на тоа дека ова е американско истекување., бидејќи бројни документи биле само во посед на САД“, рекол за Reuters поранешниот висок функционер на Пентагон, Мајкл Малрој.

Американски функционери рекле дека истрагата којашто сѐ уште е во раната фаза не исклучува можност дека проруски елементи се поврзани со истекувањето на документите, што се смета за најсериозниот безбедносен пропуст од 2013 година кога на WikiLeaks беа објавени повеќе од 700.000 доверливи воени, разузнавачки и дипломатски документи од САД.

Руската амбасада во Вашингтон и Кремљ не одговориле на барањето на Reuters да го коментираат истекувањето. Во Москва во врска со овој случај се резервирани и, се чини, дека руската страна ја проценува автентичноста и доверливоста на податоците во истечените документи како можно подметнување од страна на САД и НАТО.

Двајца американски функционери рекле за Reuters во неделата дека не ја исклучуваат можноста дека документите се фалсификувани за да ги заведат истражителите или за да се шират лажни информации на штета на САД.

Агенцијата Reuters наведува дека не ја потврдила автентичноста на документите, но оти според неа се чини оти некои податоци за процените на жртвите на боиштето во Украина се променети за да се минимизира бројот на руските жртви. Но не прави процена за податокот за украинските жртви кој е значително поголем отколку што Киев и неговите западни сојузници ги потврдуваат,

Американските разузнавачки агенции и војската испитуваат сега колку често интерно се разменуваат чувствителните документи, а исто така ги разгледуваат и можните мотиви за истекувањето кои би ги имале некој американски функционер или, пак, група. Истрагата е насочена на неколку теории: од незадоволен вработен до внатрешни закани кои сакаат да ги поткопаат американските национални интереси.

Едно од главните прашања во истрагата како не биле забележани истекувањата на тие доверливи документи кои на социјалните мрежи биле објавени пред неколку седмици, а за тоа првпат извести весникот The New York Times.