Гитаристот на легендарната шведска поп атракција ABBA, Ласе Веландер почина од рак на 70-годишна возраст, објави во понеделникот на неговата официјална страница на Facebook семејството.
„Со неопислива тага објавиме дека нашиот сакан Ласе заспа во вечниот сон. Неодамна тој заболе, се покажа дека болеста е дисеминиран рак и тивко утрото на Велики петокот тој тивко замина опкружен од најблиските“, се наведува во објавата.
Ласе Веландер како гитарист на шведската сцена е забележан во 1960-те години, кога настапува прво во локалните бендови во неговиот роден град Ниира. Подоцна, како член на бендот Nature, Веландер свирел на турнеите на кантавторот Тед Ердестаард, кој снимал во студијата на „ABBA Polar“, каде што се запознал со Бјорн Улвеус и Бени Андерсон.
Неговата прва соработка со ABBA датира од октомври 1974 година на хитовите „Intermezzo No.1“ и „Crazy World“. Набрзо Ласе Веландер станува главниот гитарист на албумите на ABBA со кои оди на големите турнеи во 1975, 1977, 1979 и 1980 година.
Ја продолжува соработката со Улвеус и Андерсон, особено на албумот „Chess“ и на саундтракот на филмот „Mamma Mia!“. Ласе има удел и во солистичките албуми на Агнета Гелтског „Your Arms Around Me“ од 1983 година „ My Coloring Book“ од 2004 година, како и за последниот албум на бендот„ Voyage“ во 2021 година.
Ласе Веландер, исто така, објави и седум соло албуми, од кои два влегоа во топ 40 на топ-листите кон средината на 1980-те години. Во 1992 година неговата инструментална верзија на нумерата „Anthem“ од „Chess“ стана радиски хит. Во 2005 година му беше врачена Меморијалната награда Албин Хагстром на Шведската кралска музичка академија.
Квартетот ABBA е основан во 1972 година од Бјорн Улвеус, Бени Андерсон, Агнета Фелцког и Ани-Фрид Лингстад. Десетици милиони носачи на звук на групата се продадени ширум светот. Во текот на десетте години од своето постоење, квартетот издаде осум албуми, а бројни колекции песни на бендот сè уште се објавуваат до ден-денес. Годишно се продаваат околу два до три милиона дискови на бендот. Мјузиклот „Mamma Mia!“, базиран на песните на ABBA, го гледаа повеќе од 60 милиони луѓе во стотици театри низ светот.