
Русија е должна да гарантира дека ќе ја заштитува територијата на Белорусија како своја територија во случај на надворешна агресија, рекол во понеделникот белорускиот претседател Александр Лукашенко на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Шојгу, пренесуваат медиумите во двете земји.
„Главно тоа звучеше на преговорите (минатата седмица на претседателите на Белорусија и Русија) дека Руската Федерација во случај на агресија врз Белорусија ќе ја заштити како своја територија. Тоа се безбедносни гаранции кои ни се потребни“, изјавил Лукашенко според наводите на веб-страницата на белорускиот претседател.
Појаснил дека таа тема ја покренал на неодамнешните разговори со рускиот претседател Владимир Путин минатата седмица во Москва.
„Тој (Путин) апсолутно ме поддржа во сите области. И рече дека треба да ги ревидираме сите наши договори и спогодби, како Белорусија и Русија, за да видиме каков нормативен акт од меѓудржавна природа треба да се усвои сега за да се осигура целосна безбедност на Белорусија“, додал Лукашенко.
Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. Неа ѝ претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заедничка држава.
По доаѓањето на власт на белорускиот претседател Александр Лукашенко исчезна ентузијазмот за поголема политичка интеграција, бидејќи тој стравуваше од губењето на овластувањата и моќта, а често во минатото кокетираше и со Западот. Меѓутоа, Лукашенко се премисли откако увиде дека западните земји во своето приближување до границите на Русија имаат намера да изведат во Минск сличен преврат како и во Киев во 2014 година, а особено по претседателските избори во мај 2019 година кога не му беше признаена надмоќната победа и беа организирани масовни протести под обвинение дека се наместени резултатите. Тогаш Москва финансиски го поддржа во врска со наметнатите санкции, а му помогна и во нормализирање на безбедносната состојба имајќи ги предвид зголеменото присуство на трупи на НАТО на белоруските граници.
Белорускиот челник во понеделникот на средбата со рускиот министер за одбрана посочил и дека западните земји не ги исполнуваат договорите во рамките на Будимпештанскиот меморандум од 5-ти декември 1994 година, или Договорот за неширење на нуклеарното оружје со кој САД, Велика Русија и Русија дадоа безбедносни гаранции за Украина, вклучително и за Белорусија, во замена за повлекување на нуклеарните арсенали од двете поранешни советски републики на руска територија.
Руската страна во случајот на Белорусија, каде има заеднички контингент со најмалку 9.000 своит војници, вели дека станува збор за тактичко нуклеарно оружје со далеку помала моќност и оти со договорот за Сојузната држава е обврзана да ја гарантира и безбедноста на Белорусија, чиј претседател Александр Лукашенко претходно го појасни чекорот со зголемувањето на трупите на НАТО на нејзините граници, како и разместување на ракетни системи вклучително и од страна на Украина.
Од своја страна Шојгу рекол дека во Москва ќе го покрене прашањето за натамошното присуство на руските војски во Белорусија и можното проширување на опсегот на соработката во оваа сфера.
„Се разбира, уште денеска ќе ги разгледаме сите прашања за натамошниот престој, подготовките и, веројатно, проширувањето на опсегот за кој разговаравте со….“ Путин, рекол Шојгу.
Путин и Лукашенко се сретнаа на 5-ти април во Кремљ, а следниот ден учествуваа на заседанието на Врховниот државен совет на Сојузната држава. Тогаш беше постигната согласност Москва и Минск да подготват безбедносен концепт за Сојузната држава поради „растечките тензии во светот“.
Северноатлантскиот воен сојуз е тој кој се шири кон Русија, поради што Москва е присилена да презема чекори за заштита на својата безбедност, истакна во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. На редовниот дневен брифинг за новинарите акредитирани во Кремљ, Песков ги појасни причините за носењето одлука Русија да го размести своето тактичко нуклеарно вооружување во Белорусија, со којашто има договор од 1990-те за Сојузна држава, отфрлајќи ги критиките од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Ова е првото распоредување на дел од рускиот нуклеарен арсенал надвор од границите на земјата, по распадот на Советскиот сојуз. Минатата година Русија во Белорусија стационираше проектил „Искандер-М“ кој може да носи нуклеарна боева глава. Од пред две седмици на руските воени полигони се увежбуваат белоруските пилоти на борбени авиони кои се вооружени со тактичко нуклеарно оружје.
Западот и Украина ја обвинуваат Белорусија дека ѝ дозволила на Русија да ја искористи нејзината територија за почетокот на ланската инвазија. Лукашено повеќепати го обвини Киев дека во содејство со Западот обучува белоруски радикали за предизвикување вооружен бунт во неговата земја, како и за чести провокации на заедничката граница, вклучително и падот на проектил од ракетниот систем „С-300“ и хеликоптерски и упади со беспилотни летала во белорускиот воздушен простор.