
Конзервативната исламска Партија на правдата и развојот (AKP) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во вторникот официјално ја започнува својата кампања во пресрет на претседателските и парламентарните избори закажани за 14-ти мај.
Опозициските партии веќе ги започнаа своите кампањи за изборите, кои се одржуваат во сенка на разорната серија земјотреси што го погодија јужниот дел на земјата.
По 20 години на врвот на турската политика, првично како премиер а потоа и како претседател, 69-годишниот Ердоган се соочува со тешка кампања, оценува службената германска новинска агенција DPA. Покрај наводите за лошо управување со кризата по земјотресот, земјата под притисокот на американските санкции од пред неколку години последните месеци забележа инфлација од околу 50 отсто на годишно ниво.
Меѓу тројцата кандидати за претседател, челникот на центристичко-левичарската Републиканската национална партија (CHP), 74-годишниот Кемал Киличдароглу, се смета дека има најдобри изгледи. Киличдароглу е предложен од опоициската коалиција од шест партии.
Прокурдската HDP, која на последните парламентарни избори имаше поддршка од околу 10 отсто од електоратот, не претстави кандидат, што се смета за индиректна поддршка за Киличдароглу.
Владејачката AKP и претседателот Ердоган остро реагираа и ја обвинија амбасадата на САД, во прв ред, дека ја води координацијата со опозициските партии.
Доколку ниту еден кандидат не обезбеди повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг на претседателските избори, ќе има втор круг на 28-ми мај. Околу 60,9 милиони луѓе имаат право на глас во самата Турција, а дополнителни 3,3 милиони во странство. Големата турска дијаспора ќе може да гласа од 27-ми април.