Соединетите држави и Филипини ги започнаа во вторникот досега најголемите заеднички воени вежби, само ден откако Кина во сѐ поневралгичниот индопацифички регион ги заврши своите големи тридневни маневри околу Тајван.
Кинеската војска изминатите три дена изведуваше вежби на блокирање на островот кој го смета за своја одметната покраина, гаѓање цели во акваториумот околу Тајван и симулираше напад. Тоа беше одговор на Пекинг на провокацијата на Вашингтон со средбата во Калифорнија на претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Меккарти, третиот по значење во политичкиот врв на САД, со тајванската претседателка Цаи Инг-вен, по ланската посета на неговата претходничка на позиција Ненси Пелоси на Тајпеј, чекори кои американската страна со децении не ги изведуваше во настојувањата да се одржи статускво ситуацијата околу Тајван и да не се предизвикува гневот на кинеската страна.
Вашингтон, кој во своите закони и доктрина за Пацификот се обврзуваат воено и економски да го помагаат Тајван, ја критикуваше демонстрацијата на огнена моќ од страна на Кина нарекувајќи ја „несразмерна“, а тајванската претседателка рече дека станува збор за „неодговрен“ потег на Пекинг и тврдеше дека има право да ги посети САД.
Американските функционери велат дека воените вежби со Филипини биле однапред планирани. И двете земји велат дека вежбите „сведочат за нивната доследност кон мирот и стабилноста во Индопацифичкиот регион“, кој го гледаат како „отворен и слободен“.
Вашингтон во март најави дека нивните годишни вежби, по оние со јужнокорејските и јапонските изминатите месеци, под кодното име „Balikatan“ (Рамо до рамо, филипински) со филипинските сили ќе бидат најголемите досега и ќе вклучуваат повеќе од 17.000 војници, а од тоа 12.000 ќе бидат американски војници.
Овие маневри ќе траат две седмици и ќе бидат насочени кон увежбување во кое двете војски ќе уништат еден лажен воен брод во водите на Јужното Кинеско Море, што е потег кој може повторно да предизвика остар одговор од Кина коешто полага право на најголемиот дел од ова море.
Вашингтон во февруари годинава постигна нов договор во сферата на одбраната со Манила, според кој на филипинските острови ќе се постават четири нови военопопморски бази на САД во близина на спорните води. Три од четирите бази се на северот од островот Лузон, кој по Кина и неколку помали острови, се наоѓаат најблиску до Тајван.
Поморските рути околу Филипини и во Јужното Кинеско Море ги вклучуваат пловните патишта преку кои се превезуваат најголемите обеми на стоки во светот, се проценуваат на околу пет трилиони долари, и особено изминатата деценија се предмет на спор меѓу Кина и американските сојузници во регионот, и сите полагаат право на суверенитет.
САД во понеделникот, додека сѐ уште Кина ги спроведуваше своите вежби околу Тајван, го испрати разорувачот „USS Milius“ во водите на Јужното Кинеско Море, во, како што наведе, „мисија на слободна пловидба“. Вашингтон му задал курс на бродот на рутата којашто минува крај малите острови Спратли (Нанша), кои се наоѓаат според тврдењето на Филипини во нејзиниот ексклузивен економски појас, а Кина тврди дека е во нејзините територијални води.
Во понеделникот портпаролот на борбената команда на кинеската Народноослободителна армија, Тијан Џунли, предупреди дека американскиот ракетен разорувач „Milius“ од класата „Arleigh Burke“ незаконски навлезгол во кинеските територијални води во близина на гребенот Меиџи, кој се нарекува уште и Мисчиф, во Јужното Кинеско Море, поради што активирало поморско и воздушно следење на бродот.
Истовремено кинеското министерство за надворешни работи предупреди дека американско-филипинската воена соработка не би требало да се вмешува во територијалните спорови во водите на Јужното Кинеско Море.