Украина почнала да извезува струја во Европа

Украина го продолжи извозот на електрична енергија во Европа, по прекините во октомври кога Русија започна со честите масивни ракетни и беспилотни напади врз критичната енергетска инфраструктура, изјавил доцна ноќта во понеделникот украинскиот министер за енергетика.

Поради ударите на руската армија имаше недостиг од електрична енергија за домаќинствата, цивилните објекти и индустриските постројки, па работниците се обиделе да ја поправат мрежата со прекувремена работа.

„Продолживме да извезуваме“, рекол министерот за енергетика Герман Галушченко, додавајќи дека Русија „не успеа да го уништи нашиот енергетски систем“.

Европската унија е главниот пазар на Украина за извоз на енергија. Галушченко истакна дека снабдувањето со електрична енергија на украинското население останува приоритет на земјата и покрај обновувањето на извозот.

„Се надеваме дека ќе го достигнеме износот на извозот што го имавме минатата година. Ќе водиме преговори за зголемување на извозот бидејќи сегашните резерви во системот ни го дозволуваат тоа“, додаде тој.

Во јуни 2022 година, Украина, која извезуваше електрична енергија во Молдавија, Унгарија, Словачка и Полска, рече дека се надева дека ќе заработи 1,5 милијарди евра од извозот на електрична енергија во ЕУ до крајот на годината.

„Во моментов има планови за зголемување на прекуграничниот сообраќај меѓу Украина и Полска, што ќе го зголеми извозот“, рече Галушченко.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг ја посети Украина во февруари за да ги истражи руските воздушни напади врз електричната мрежа, иако ниту Украина, ниту Русија не се под неговата јурисдикција. Киев вели дека нападите имале за цел да ги заплашат обичните цивили, додека Москва вели дека имаат за цел да ја ослабат непријателската армија.