Кинолозите апелираат да се донесе закон за чување кучиња во домашни услови

Во повеќе држави во светот постојат таканаречени црни листи на агресивни раси на кучиња која циркулира кај осигурителните компании, меѓу кои се питбулите, мастифите, хаските, за кои тие одбиваат да ги осигураат сопствениците во случај нивното куче да нападне некого. Некои раси, пак, целосно се забранети за одгледување, велат македонски кинолози по последната трагедија што се случи во скопската населба Пинтија каде кучиња од расата англиски булмастиф до смрт искасаа 8-годишно дете.

Кинолозите апелираат веднаш да се донесе закон за чување и одгледување кучиња во домашни услови по примерот на другите европски земји за да не се случуваат вакви трагични случаи. Скопје е еден од ретките европски градови кои немааат вакви регулативи,велат тие.

Во Европа постојат ригорозни закони со кои се ограничуваат условите под кои се чуваат определени раси кучиња, особено оние кои се поагресивни. За конкретната раса англиски булмастиф, кинолозите велат дека не мора да се агресивни доколку правилно се одгледуваат и социјализираат.

– Се работи за кучиња од поголем раст, меѓутоа напоменувам дека овие кучиња учествувале на изложби, што значи дека се социјализирани затоа што на изложби за убавина мора кучињата да бидат добро одгледани и социјализирани со други животни и со луѓе – рече претседателот на Кинолошкиот сојуз Јордан Христовски во изјава за МИА.

Осумгодишното дете починало откако било нападнато од кучето на својот сосед, а за време на нападот во дворот било присутно и другото куче. По нападот, детето било префрлено во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје каде што им подлегнало на повредите.

Според соседите, детето ги познавало и претходно кучињата, и се претпоставува дека се прекачило преку оградата да си поигра со нив. Сопствениците на кучињата во тој момент не биле дома. Надворешната врата била затворена и обележана со знак „Пази куче“. Истрагата треба да покаже што ги поттикнало кучињата да нападнат. Тие сега се под ветеринарен надзор.