Тајванското Министерство за одбрана во четвртокот објави дека кинески воени авиони и бродови сè уште оперираат околу островот, неколку дена откако Пекинг објави дека воените вежби официјално завршиле.
Тајванското министерство објави дека идентификувало 26 авиони и седум пловни објекти во последните 24 часа. Од нив, 14 авиони ја минале средишната линија на Тајванскиот теснец и навлегле во ткн тајванската воздушна одбранбена зона за идентификација (ADIZ). Министерството во средата објави дека претходниот ден биле откриени 35 авиони и осум пловила.
Германската агенција dpa пишува дека Кина на тој начин ја демонстрира својата воена моќ со цел да го заплаши Тајван и да го одврати да се стреми кон независност.
Кина минатата седмица одржа тридневни воени вежби како одговор на посетата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен на Калифорнија, каде што се состана со претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Меккарти. Тоа за Пекинг е јасна провокација од страна на Тајпеј и Вашингтон бидејќи го нарушува децениското однесување на САД во договерениот со Кина статус-кво однос кон тајванското прашање со озбегнување на средби на највисоките американски функционери со политички и воени претставници на островот кој Пекинг го смета за своја одметната покраина, а што беше почитувано од американската страна до минатото лето кога претходничката на Меккарти, Ненси Пелоси, пркосно слета на Тајван.