Арсовска го потпишала договорот за изградба на пречистителната станица

По неколкумесечни перипетии, караници, разрешувања, именувања, обвинувања за „рачиња во медот“, европски грантови, скопската градоначалничка Данела Арсовска го потпишала договорот за изградба на пречистителна станица во Скопје, објави „Фокус“. Освен доцнењето и силните зборови за „шпицниот градоначалник“ еден од клучните резултати на оваа караница е раскинувањето на сојузот меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржа на изборите.
Дека работите одат кон потпишување на договорот стана појасно на 22 март кога Европската инвестициска банка додели 70 милиони евра грант за изградба на пречистителната станица во Скопје. Со тоа, за пречистителната станица се обезбедени повеќе од 200 милиони евра.
Ако сакаме квалитетот на живот да биде тука кај нас, Европа дома, тогаш треба да спроведуваме вакви проекти, порача министерот за финансии Фатмир Бесими, при потпишувањето на договорот за грантот.
„Се работи за дополнување на заемите од нашите парнери како ЕИБ, кои нѐ поддржуваат во финансирањето на овој проект. Денес, на тој износ – 68 милиони од ЕИБ и 58 милиони од ЕБОР и 10 милиони грант – имаме дополнителни 70 милиони грант. Овој грант доаѓа во момент кога финансиските пазари се значително скапи“, рече Бесими.
Пречистителната станица за отпадни води за Скопје, која треба да се гради во Трубарево, Општина Гази Баба, треба да ги пречистува отпадните, фекални и канализациски води од речиси сите домаќинства во главниот град и такви да се испуштаат во реката Вардар. Еден дел од проектот треба да биде завршен до 2030, а целиот до 2045 година.