ВИДЕО| Загинаа двајца учесници на релито Вила де Тинео

Само два дена откако Ирецот Крег Брин загина во Хрватска во текот на тестирањето за претстојното рели ВРЦ Кроација, животите ги загубија и двајца учесници на релито Вила де Тинео во Шпанија.

Откако во четвртокот во Хрватска во несреќа загина ирскиот рели возач Крег Брин, во саботата загинаа двајца учесници на релито Вила де Тинео, што се одржа во шпанскиот регион Астурија. Во несреќата загинаа возачот Хулио Цезар Кастриљо и неговиот сопатник Франциско Хавиер Алварез.

Трагедијата се случила откако изгубиле контрола над својот автомобил (ситроен DS3 N5) и со голема брзина удриле во дрво покрај патеката.

Легендарниот шпански пилот во класата Формула 1, Фернандо Алонсо, им оддаде почит на своите сонародници.

„Многу е тажна за целото семејство на автомобилски трки веста за случувањето на релито Вила де Тинео. Моето сочувство и сета моја љубов до семејствата на Хулио Цезар Кастриљо и Франциско Хавиер Алварез. Почивајте во мир”, напиша Алонсо на социјалните мрежи. .

Се огласи и поранешниот светски шампион во рели трките, 61-годишниот Карлос Саинц.

„Ова е уште еден тажен ден за семејството на релито. Нашиот спорт понекогаш нѐ потсетува колку може да биде тешко. Моето најдлабоко сочувство до семејствата на Хулио Сезар Кастриљо и Франциско Хавиер Алварез“, напиша Саинц.