ВИДЕО| МВР ја потврди физичката пресметка меѓу полицајците во Кривигаштани

Министерството за внатрешни работи експресно реагираше на барањето на НетПрес за дополнителни информации за инцидентот кој ноќта во неделата во селото Кривогаштани го предизвикале униформирани полициски службеници, според очевидците, во силно алкохолизирана состојба.

„На 16.04.2023 околу 04.45 часот пред угостителски објект во Кривогаштани бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Ј. на 41 година од селото Житоше и К.А. на 45 години од селото Житоше, двајцата полициски службеници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се навудува во писмениот одговор на МВР.

За инцидентот, како што се додава, известен е Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и ќе биде поведена и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и суспендирање од работното место до донесување на решение во дисциплинската постапка.

Како што претходно објави НетПрес, повикувајќи се на очевидци на инцидентот, ноќта од саботата кон неделата (15-ти кон 16-ти април) во Кривогаштани, прилепско се случил инцидент во кој биле инволвирани алкохолизирани униформирани полициски службеници. Според истите извори, по дојава од очевидци интервенирале колеги на воинствените полицајци и брзо ги разоружале.

Видео-материјалот добиен од присутни на тепачката укажува на учество на униформирани лица.

Во билтенот на МВР од неделата, пак, беше нааведено дека утрото „во 4,30 часот пред угостителски објект во село Кривогаштани, Х.П. физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија“ како и дека се „преземаат мерки за расчистување на случајот“.

Забележливо е дека има временско и локациско совпаѓање во двете соопштенија, но другите поединости се разликуваат, па нејасно е дали станува збор за два одделни инцидента.