
Шпанската полиција уапси 50 членови на криминална организација осомничени за транспорт на кокаин и хашиш од југозападна Шпанија во други европски земји и заплени седум тони дрога, соопшти во вторникот Граѓанската гарда, полицијата која учествуваше во акцијата.
Полицијата запленила близу два тони кокаин и пет тони хашиш.
Акцијата со кодно име „CASTLE“ започна минатата 2022 година, а во неа учествуваа и полициите од Португалија, Франција и Велика Британија.
Криминалната група дејствувала во областа на крајбрежниот град Хуелва и околу полуостровот Гибралтар, а воспоставила врски во соседна Португалија. Полицијата открила дека користат чамци и бродови за набавка и дистрибуција на дрога и дека имаат соработници на Канарските Острови и Мароко.
Купувале хашиш од Мароко, а кокаин од Латинска Америка и го доставувале по морски пат до југот на Шпанија, од каде го продавале низ Европа, се наведува во соопштението. Од пријавените се одземени два глисери, шест автомобили, осум мотори и електронски уреди и поголема количина на комуникациска опрема.
Шпанија и Португалија оваа година ја чувствуваат зголемената активност на трговците со дрога.
Португалската полиција претходно оваа седмица објави дека запленила повеќе хашиш во првите три месеци отколку во целата минатата година.