Де факто и де јуре нам работите ни се повторуваат и ова не е случајно со Бехтел и Енка. Ние не го видовме договорот со овој конзорциум како што не го видовме на времето ни со ЕСМ, вели универзитетскиот професор Самоил Малчески во СТУДИО 10 на ТВ 24.
– Една сериозна држава треба да ги прави работите во интерес на граѓаните, а не во интерес на некои приватни компании. Мене ми се чини дека никогаш нема да ги видиме коридорите 8 и 10д, ама затоа ќе ги платиме пеналите како што е договорено колку што е познато во јавноста. Мислам дека носителите на овој договор треба да сносат одговорност откако ќе реформира правосудниот систем оти имаме сериозни индиции дека тука има нешто коруптивно, вели Малчески.
Малчевски вели дека кај нас има отсуство на планирање и стратегија. Тој вели дека јавното претпријатие нема инфраструктурна стратегија. Втор проблем, според Малчески, за постигнување консензус за државни интереси е што нема комуникација, што лидерите на партиите не седнуваат на кафе да поразговараат.
– Според законите, овој тип на договор каков што е со Бехтел и Енка не спаѓа во редот на класифицирани. А бидејќи тие ставиле некоја клаузула на класификација има сомнеж дека има нешто коруптивно, додава тој.
Фактичката состојба е дека оваа гарнитура е на власт 7 години, но за тоа време не е направена ниедна патна делница, а сега некако им се брза па се обидуваат да протнат работна недела од 60 часа, вели Малчески и додава дека намерата за сето ова е исплаќањето пенали.
– Суштината што немаме патишта е отсуството на политичка волја. Кај нас на позиции доаѓаат политичари без професија и тоа не е само сега. Тие немаат работна биографија. И такви личности доаѓаат на клучни позиции. Да доаѓаат на позиција стручни кадри ќе има стратегија. Овие кои немаат професија знаат дека никогаш нема да имаат слична прилика и затоа се посветуваат на вакви договори. Се бараат луѓе кои се склони да потпишат, за кои законот е растеглива категорија, пратеници кои се спремни да кренат рака, вели Малчески.
Работната недела од 60 часа Малчески ја коментира како нарушување на оствареното право на 40 работни часа неделно што се смета за полно работно време и предлага дека е пологично да се ангажираат повеќе работници кои ќе работат во три смени.
– Ние како народ плаќаме се и проектите и пеналите, нема Груби и Ковачевски да платат. Како тоа компанијата бара да е се објавува договорот? Па државата е таа што ја ангажира компанијата, а не обратно, вели Малчески.
Тој посочува дека договорот со Бехтел и Енка е потпишан, а проект се уште не е направен што значи дека е многу веројатно дека проектот ќе чини многу повеќе одошто сега е наведено, начелно 1,3 милијарди. Освен тоа, вели Малчески, освен надзорот, спорно е зошто се платени 900 илјади евра за подготовка на договорот кога имаме државни служби за тоа.